СЗО: Треба да се забрани продажба на диви животни на пазарите

Од СЗО препорачуваат воведување строги мерки кога е во прашање продажбата на месо од диви и егзотични животни на отворените пазари низ светот. 

Потеклото на коронавирусот, поради кој сме во пандемија повеќе од една година, беше лоцирано во пазар во Вухан каде се продаваше супа од лилјаци. Поради ова, од СЗО сметаат дека и во иднина ќе треба да бидеме повнимателни со купување улична храна, особено поради фактот дека вирусите мутираат и дека за неколку години сосема друг сој на коронавирус може да се појави и да ја предизвика истата опасност. 

„Животните, особено дивите животни, се извор на повеќе од 70 проценти од сите нови заразни болести кај луѓето, од кои повеќето се предизвикани од нови вируси“, се наведува во соопштението.

Апелот на СЗО следуваше по заедничката студија на СЗО и Кина за потеклото на Ковид-19, објавена во извештај минатиот месец, во кој се наведува дека пазарот на кој се продаваат и живи и мртви животни е веројатно изворот на пандемијата.

Секако, тие не сметаат дека овие пазари треба да се затворат, туку да се поработи на воведување стандарди и услови во кои може да се оствари продажба на овој тип на производи.