СЗО: Неопходна е подбра палијативната нега и пристап до здравствени услуги за повозрасните лица во Македонија

Секое четврто лице во Северна Македонија ќе има над 65 години во 2050 година во споредба со околу 14 проценти во моментов, а само една третина од постарите луѓе во Северна Македонија го сметаат сопственото здравје за добро или многу добро што е значително пониско од просекот на Европската унија, покажуваат податоците од Светската здравствена организација.

Ова беше истакнато на настанот по повод годинашниот Светски ден на хосписот и палијативната нега во Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ во Скопје, на тема „Никој не смее да биде изоставен-правичност во пристапот до палијативна нега“.

Во воведните зборови, како што информираат од канцеларијата на СЗО во Северна Македонија, д-р Салија Љатиф Петрушовска, директорка на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ истакна дека е важно да се обезбедат еднакви можности за здраво стареење, особено во време на пандемијата.

– Сите луѓе, без оглед на приходите, видот на болеста или возраста, треба да имаат пристап до здравствени услуги, вклучително и палијативна нега, бидејќи на тој начин се подобрува квалитетот на животот на пациентите и нивните семејства кои се соочуваат со предизвиците поврзани со животозагрозувачкитеболести, рече д -р Петрушовска.

Како што населението старее и има поголема инциденца на незаразни болести, станува сѐ поважно да се подобри палијативната нега.

Податоците од истражувањето „Постарите лица и пристапот до интегрирана здравствена заштита фокусирана на луѓето во Северна Македонија” објавено во 2021 година, укажуваат дека населението во Северна Македонија денес старее многу побрзо отколку во минатото. Секое четврто лице во Северна Македонија ќе има над 65 години во 2050 година, во споредба со околу 14 проценти во моментов. Податоците покажуваат дека само една третина од постарите луѓе во Северна Македонија го сметаат сопственото здравје за добро или многу добро, што е значително пониско од просекот на ЕУ.

Според претставничка на СЗО во Северна Македонија, д -р Џихан Тавила, зајакнувањето на постарите лица и овозможувањето на нивното значајно учество и социјално вклучување во добра здравствена состојба претставуваат начини за намалување на нееднаквоста.

-На постарите луѓе им е потребна долгорочна, комплексна грижа од повеќе даватели на услуги во различни услови. Со подобро искористување на постојните синергии и меѓусебната поврзаност помеѓу здравствениот и социјалниот сектор, различните нивоа на здравствена заштита, давателите на услуги и заедницата може да придонесат за постигнување на подобраздравствена заштита, додаде Тавила.

За оптимална палијативна нега во земјата е потребна комбинација од политики за поддршка; овластени заедници; истражувања во областа на палијативната нега, пристап до основните лекови за палијативна нега; силни системи за образование и обука за вработените и стручните лица за палијативна нега; како и внимание на квалитетот на услугите за палијативна нега. Палијативната нега е човеково право и морален императив на сите здравствени системи, се вели во соопштението од канцеларијата на СЗО во Северна Македонија.