Светските прваци во кикбокс на средба кај градоначалникот Трајановски (фото)

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, вчера ја прими Македонската кикбокс репрезентација, составена од македонските репрезентативци, претседателката на федерацијата Александра Неделковска, селекторот Дејан Митровски и тренерот на репрезентацијата Драган Атанасовски.

Македонската репрезентација имаше успешен настап на дваесетото Светско првенство за сениори што се одржа во Белград од 24 октомври до 1 ноември годинава.

Македонските кикбоксери Ненад Манојловски, Димитар Ѓорѓиев и Стефани Тодорова, постигнаа извонредни резултати во категоријата кик-лајт, освојувајќи два златни и еден бронзен медал во конкуренција на 669 натпреварувачи од 52 земји. Репрезентативецот Ненад Манојловски на Светското првенство во Белград ја доби и наградата за „најдобар борец“ на татами, а Димитар Ѓорѓиев трет пат по ред е светски шампион во својата категорија.

Градоначалникот им го честиташе огромниот успех и им пожела и во иднина да ги продолжат одличните настапи и да освојуваат уште многу златни медали.