Светски експерти ќе истражуваат зошто во Македонија умираат бебиња

Тимови експерти од Светската здравствена организација почнуваат со посета на родилиштата во државата, за да утврдат како функционираат тие во земјава во услови кога се случува многу често бебиња да умираат.

Според министерот за здравство Венко Филипче за тоа се задолжени специјални тимови кои ќе одат на терен да го согледаат работењето на родилиштата.

-Тоа ќе ни овозможи да знаеме во која здравствена установа која проблематика може успешно да се третира врз основа на соодветни критериуми. Едно родилиште, за да биде акредитирано соодветно и според светски стандарди, не е доволно да има само гинеколози, туку е потребно да има неонатолози и анестезиолози. Сакаме да направиме организиран и интегриран систем во кој државата таму каде има услови кои ќе го гарантираат квалитетот на здравствената услуга – информира Филипче.

Министерот Филипче веќе во неколку наврати изрази уверување дека со неговите соработници ќе работат напорно за да стават крај на црната статистика на смртност на новороденчиња и на родилки во земјава.

Краткорочни до три месеци и долгорочни до шест месеци се мерките што се планираат за намалување до минимум на смртноста на новороденчињата и родилките во Македонија.

Недостапноста на родилиштата и несоодветната и ненавремена здравствена грижа на родилките е главна причина за нивна смртност, а најголем процент од починатите бебиња е поради нивната мала родилна тежина и предвремено раѓање. Тој најави дека во следните шест месеци, ќе бидат спроведени обуки на стручниот кадар за ефикасна грижа на родилките и новороденчињата, како и неонатолошки обуки на педијатрите на секундарно ниво, согласно препораките на СЗО.

Деновиве бевме сведоци на поразителни бројки за смртност на бебињата во земјава од страна на странските, но и домашните статистичари. Така, со стапка на смртност од 8,3 на 1.000 живородени бебиња Македонија се најде на високото второ место во Европа по смртност на новороденчиња, а на 105. место во светот со средна стапка на неонатална смртност. Според овие бројки 1 од 120 живородени бебиња се случува да почине во првите 28 дена од животот, што е стапка двојно повисока од европскиот просек.

Како што анализира УНИЦЕФ во најновиот извештај доколку се споредат овие бројки со оние на светско ниво за стапката на смртност пред нас се само некои африкански и азиски земји, додека сите балкански земји имаат пониска стапка на смртност.

Единствено Молдавија од сите европски држави има повисока стапка на морталитет на новороденчиња од Македонија, додека бебињата имаат најмали шанси да преживеат во Пакистан. Македонија е во друштво со Гренада, Маврициус, Колумбија и Фиџи. Од земјите во регионот, висока стапка на смртност има во Турција – 6,5; Албанија – 6,2; а подолу на листата е и Босна и Херцеговина со просек од 4,7.

Како пример Словенија пак е меѓу првите пет земји во светот со најниска неонатална смртност. Искуството од оваа земја покажало дека успехот е заемен и на здравствениот систем, но и на трудниците кои водат здрав начин на живот, односно практикуваат да не пушат цигари и да не консумираат алкохол.

Но за Македонија поразителни се и анализите на статистичарите од Државниот завод за статистика кои покажуваат дека вкупно 1.343 новороденчиња починале во првата година од нивниот живот во Македонија за последните шест години, односно од 2011 година до 2016 година. Тоа значи дека во просек годишно умираат околу 200 новородени.

Само 2016 година во земјава починале дури 197 новороденчиња, а црниот биланс во 2015 година бил 198 бебиња, во 2014 година – 233 бебиња, во 2013 година – 237 бебиња, додека во 2012 година починале 230 бебиња и во 2011 година точно 172 бебиња.

Медицинските заклучоци упатуваат дека најголем дел од овие новородени починале во болница, а најчеста причина за смртта се респираторни проблеми.

Во 2016 година вкупно се родени 23.199 деца, од кои 23.002 живородени и 197 мртвородени деца. Според возраста на мајката, најголемо учество, односно 34,1% се живородени деца од мајки на возраст 25-29 години. Просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања е 28,9 години, а 27,2 години за првите раѓања. Со оглед на тоа дека најголемиот број од живородените деца околу 88% во 2016 година се родени во брак, може да се каже дека намалувањето на фертилитетот е резултат на одложувањето на стапувањето во брак во повозрасните години.