Светска банка: Закрепнувањето на глобалната економија ќе трае пет години

Глобалното економско закрепнување од кризата предизвикана од пандемијата може да трае до пет години, изјави денеска главната економистка на Светска банка, Кармен Рајнхарт.

„Веројатно ќе има брзо закрепнување, имајќи предвид дека сите ограничувачки мерки поврзани со блокадите се укинати, но целосното закрепнување ќе трае дури пет години“, рече Рајнхарт на конференцијата што се одржа во Мадрид, објави „Ројтерс“.

Таа посочи дека рецесијата предизвикана од пандемијата ќе трае подолго во некои земји отколку во други и дека ќе ги влоши нееднаквостите, така што најсиромашните земји ќе бидат потешко погодени од кризата отколку побогатите.

За прв пат по 20 години, глобалните стапки на сиромаштија ќе се зголемат по кризата, додаде Рајнхарт.