
Премиерот Христијан Мицкоски сподели дека денеска бил потпишан Договор за грант во вредност од 2,4 милиони долари помеѓу АД ЕСМ и Светска банка.
„Договорот, потпишан од генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, и менаџерот на Светска банка за Косово и Македонија, Карол Межеван, обезбедува средства за подготвителните активности за изградба на когенеративната централа „РЕК Битола 1“ и за проширување на топловодната мрежа во Битола“, посочи Мицкоски.

Тој додаде дека проектот, чија вкупна вредност надминува 200 милиони евра, претставува една од најзначајните инвестиции во енергетскиот сектор и ќе придонесе за декарбонизација, зголемување на домашното производство на електрична енергија и обезбедување поекономично снабдување со топлинска енергија за граѓаните.
„Со оваа инвестиција се поставуваат темелите за почиста, посигурна и поодржлива енергетска иднина на државата“, порача премиерот.