Светска банка препорачува породилно од 6 месеци и отворање Центри за чување деца

Малото учество на жените на пазарот на трудот го намалува растот на економијата. Истражувањето на Светска банка покажува дека многу образовани и талентирани жени поради недостиг на центри  за грижа на деца и возрасни во земјава, се принудени да седат дома и да не работат. Со ова се прават загуби на БДП од околу 16 отсто.

Од банката препорачуваат во следниот период да се креираат политики со кои ќе се намали родовиот јаз. Алармираат дека и натаму мажите се поплатени од жените, и покрај истите вештини и квалификации што ги поседуваат.

Од Светска банка сметаат дека треба да се намали и породилното отсуство на 6 месеци. Ова е препорака и од Светската организација на трудот. Половина година е идеален период за да може жената да се врати, и повторно да се прилагоди на работното место.

Додека  жените во регионот се жалат дека сопрузите не ги поддржуваат во професионалниот ангажман, кај нас се изјасниле дека се плашат да не бидат етикетирани бидејќи 90 отсто од деловните зделки ги склучуваат во ресторани и барови.