По долго исчекување, вечерва започнува Светското фудбалско првенство – настан што секои четири години ги обединува навивачите од сите континенти.
Во наредните 39 дена, милијарди луѓе ќе ги следат натпреварите, ќе слават победи, ќе тагуваат по порази и ќе создаваат спомени кои ќе се прераскажуваат со години.
За првпат во историјата домаќини се три држави – САД, Мексико и Канада. Натпреварите ќе се играат на 16 стадиони во 16 градови, а турнирот ќе биде најголемиот досега организиран.
На Мундијалот ќе настапат рекордни 48 репрезентации, наместо досегашните 32. Тоа значи повеќе натпревари, повеќе приказни, повеќе херои и повеќе шанси за изненадувања. Вкупно ќе бидат одиграни 104 натпревари, што е најголем број во историјата на Светските првенства.
Патот до трофејот никогаш не бил потежок. Идниот светски шампион ќе мора да помине низ осум натпревари за да стигне до врвот, а дополнителен предизвик ќе бидат и огромните растојанија меѓу градовите домаќини. Некои репрезентации ќе патуваат и по неколку илјади километри само во групната фаза.
Но Светското првенство отсекогаш било повеќе од фудбал. Тоа е приказна за надежта на малите нации, за детските соништа што стануваат реалност и за моментите што ги запираат улиците, кафулињата и домовите низ целиот свет. Тоа е ретка можност целата планета да гледа во ист правец.
Почетокот на турнирот ќе биде одбележан и со голем музички спектакл. За првпат секоја од трите земји домаќини ќе има свое свечено отворање. Вечерва на легендарниот стадион „Ацтека“ во Мексико Сити ќе настапи Шакира, една од најпрепознатливите музички ѕвезди поврзани со светските фудбалски шампионати.
Во Торонто, публиката ќе ја забавуваат Мајкл Бубле и Аланис Морисет пред натпреварот меѓу Канада и Босна и Херцеговина, додека американската церемонија ќе се одржи во Лос Анџелес, каде што на сцената ќе се појави Кети Пери пред дуелот меѓу САД и Парагвај.
Од вечерва започнуваат 39 дена исполнети со емоции, драма, славје и незаборавни моменти. Светот повторно ќе живее за фудбалот.