Светот гледа како на „опасност за здравјето“, кај нас се користат и во затворени простории

И покрај тоа што речиси сите светски истражувања и анализи покажуваат дека електронските цигари се незначително помалку штетни за здравјето од стандардните цигари, во Македонија тие се уште се третираат како поздрава верзија и нивното конзумирање е дозволено и во затворени простории.

Пред неколку денови магазинот healthline објави статија во која вели дека електронските цигари се минимално помалку штетни од обичните цигари, но тие предизвикуваат оштетувања на крвните садови и други здравствени проблеми, а веројатноста за прекинување на пушењето е речиси никаква. Во идентичен временски период македонските здравствени власти испратија соопштение до медиумите во кое информираат дека Владата заклучила дека користењето на несогорливите производи од тутун, уредите за нивно загревање и електронски цигари не претставува пушење и следствено, не потпаѓа под забраната за пушење од член 3 став 1 од Законот за заштита од пушењето, односно истите може да се користат и во затворениот дел од јавните простории. Ова оттаму што според оваа одредба пушењето е дефинирано како „поседување или користење на тутунски производ кој согорува, без оглед дали чадот активно се вдишува или издишува“.

Во информацијата од владината прес служба стоеше дека Владата го задолжила Државниот пазарен инспекторат и другите надлежни органи во своите дејствија да постапуваат во согласност со заклучокот на Министерството за здравство. Со други зборови да прогледуваат низ прсти и овие уреди да не ги третираат како цигари.

Светските истражувања велат дека овој видат на уреди кои го загреваат, а не согоруваат тутунот се подеднакво штетни. Најголемиот дел од земјите ширум светот го забрануваат користењето на овие уреди на јавните локации, во рестораните и шопинг центрите и за нив предвидуваат посебни простории, како оние за пушачите.  Македонските политички експерти кои веројатно се разбираат и од здравствени прашања имаат поинакви толкувања на ова. Во меѓувреме скопјани се гушат во кафулињата,  во лошиот мирис кои го произведуваат овие уреди и во димот. Секако нивното влијание врз здравјето во светот е потврдено, а кај нас истото се зема како спореден аргумент.

А, дали некој ги прашува непушачите? Тие често на социјалните мрежи реагираат за фактот дека седат во задимени и замирисани простории. 

„Навистина е тешко во затворен простор да се издржи лошиот мирис на Iqos уредитe. Тие треба да се третираат како и останатите цигари“, вели Марија од Скопје која апелира до владата и здравствените власти да ја преиспитаат одлуката со која се дозволува конзумирање на овие уреди и во затворени простории.