Светот е во криза, но сите сме и понатаму богати на социјалните мрежи

Нашата држава, а и светот се во финансиска криза која се чувствува насекаде околу нас.

Photo by Maddi Bazzocco on Unsplash

Постојано зборуваме за високите цени во продавниците и се обидуваме да внимаваме на својот буџет. Но, од друга страна, како да не постои криза на социјалните мрежи. Инфлуенсерите ни „продаваат“ приказни за зајдисонца на убави дестинации, се промовираат скапи производи и облека која често не можеме да си ја дозволиме.

Многу лесно е да станеме тажни и депримирани доколку поминеме повеќе време на социјалните мрежи. Но, кој е виновен за тоа?

За почетокот, алгоритамот. Сите ние ги обожаваме таквите слики со многу филтери и со самото тоа што ни се допаѓаат, ги гледаме и повеќе и повеќе. Минуваме многу време скролајќи надоле низ фотографиите, но не сфаќаме колку големи последици тоа може да има на нашето емоционално и ментално здравје.

За тоа сме виновни самите. Тешко е да направиме нешто друго, а најлесно е да се фатиме за телефонот кога ни е здодевно, но можеби треба да се запрашаме како се чувствуваме гледајќи ги сите тие фотографии.

Во ред е ако тоа не ни пречи воопшто и не нè допира, но проблемот настанува ако навистина се депримираме од она што го гледаме.

На социјалните мрежи не можеме да видиме за малите бизниси кои беа принудени да ги затворат своите продавници. Не гледаме ништо за луѓето кои губат работа и не сме свесни колку финансиската криза влијае на економијата. На социјалните мрежи, а особено на Инстаграм ретко кој ги споделува лошите искуства, бидејќи на нив сè е совршено.

Но, не е.

Ако се чувствувате тешко после секое скролање на Инстаграм, можеби треба да го ограничите своето време на оваа социјална мрежа. Не можеме да ги споредуваме своите животи со она што го гледаме таму, бидејќи тие луѓе можеби не се погодени од кризата како нас. На крајот на краиштата, тие луѓе се платени за да промовираат нешто што ние ТРЕБА да го купиме.

Не можеме да влијаеме на тоа што ќе го објавуваат другите, но можеме самите да донесеме одлука кого ќе следиме и колку сето тоа ќе нè допира. Тоа е одговорност која ја имате кон себеси и своето лично здравје. Не заборавајте.