Свето Јаневски се повлекува од белградската пиварница БИП

Македонската компанија „М6 Еден Србија“ соопшти дека решила да го прекине договорот за деловна соработка со „Белградската индустрија за пиво“ (БИП) во стечај.

– Верувавме во можноста за развој на една од најголемите пиварници во регионот и со ентузијазам пред две години го започнавме нејзиното реструктуирање. Се обидовме да направиме нешто позитивно за Белград, за Србија, да дадеме дух и живот на една компанија која 180 години е симбол на Белград. За жал, и покрај големите месечни инвестиции, посветеност и ентузијазам, не успеавме, бидејќи овој концепт нема шанси за успех. Ова не значи дека ќе се повлечеме, бидејќи на Белград му е потребно квалитетно пиво. Ќе продолжиме во поинаква насока и со друг концепт. Можно е да се почне со вложувања во иднина со нови проекти во Србија. Се заблагодаруваме на сите субјекти, потврдувајќи дека завршуваат сите обврски кон вработените и сите доверители, соопшти „М6 Еден Србија“, додавајќи дека од 1 јули е започнат процесот на подмирување на обврските кон вработените и на сите доверители.

Во моментов, 125-те вработени на БИП се на одмор до 16 јули.

Во изјава за МИА еден работник од БИП, кој не сакаше да го открие идентитетот, информира дека во оптек се информации оти нема да има отпуштања, дека се бара нов закупец и дека постои заинтересираност на три компании. Според него, едната е позната по производство на месо, втората е од Крагуевац, а третата е од Апатин.

– Кога дојде Македонецот во 2017 година, ни вети дека ќе биде подобро, а сега само си отиде…. Ништо не се знае, изјавил за Б-92 друг вработен.

Во февруари годинава беше објавено дека комплексот на БИП, кој се наоѓа веднаш до Мостарскиот сообраќаен јазол и хотелот Радисон, во близина на локацијата на проектот „Белград на Вода“, треба да се исели и дека на оваа локација во план е изградбата на комерцијални содржини.

Во 2015 година БИП банкротираше, а М6 стана закупец на компанијата во 2017 година, кога беше објавено дека ја закупува за 912.000 евра годишно. Бизнисменот Светозар Јаневски тогаш изјави дека планира да изгради нова пиварница на друга локација во која ќе инвестира 25 милиони евра.

Во Белград со години успешно работи компанијата „М6 Тиквеш“, која според Стопанскиот именик на Србија се бави со трговија на алкохолни и други пијалаци.

Основна дејност на БИП е производство на пиво, слад, сируп и безалкохолни пијалаци.