Светиот крст во Скопје посветен на сите учесници во церемонијата за Богојавление

Светиот крст што архиепископот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан денеска напладне го положи во водите на  Вардар на централната манифестација во Скопје за празникот Богојавление-Водици е посветен на сите учесници.

Игор Јакимовски во групата од 30-ина учесници на церемонијата, кај кој пристигна крстот откако архиепискотот г.г Стефан го положи во водите на Вардар кај мостот „Слобода“,  по претходното осветување на водите.Тие точно напладне во духот на заедништвото држејќи се за рака дозволија еден од името на сите да го фати светиот Крст во осветените води на реката Вардар.

-Оваа година крстот е за сите во знак на сплотеност и заедништво, порача групата учесници на церемонијата, во која немаше традиционално скокање по крстот.

Јакимовски во изјава за МИА рече дека учествува на манифестацијата 29-ти пат и порача дека крстот е заеднички, со ваквиот начин на дејствување групата покажала сплотеност.

– Денеска сите видовте како ние сплотени го направивме самиот чин за пуштањето на Светиот крст, така што сосема  случајно дојде во моите раце, меѓутоа верувајте тоа е како да паднал во сите раце на сите верници што беа долу во водите. Тука се сите момци, заедно  прославуваме, јас ја имав таа чест да дојде во моите раце, тие ме испочитуваа како буквално јас да сум го фатил но тоа  е наш заеднички крст и покажавме една сплотеност во  овие како да ги кажам тешки времиња, така што ќе продолжиме да бидеме  понатанму и се надевам дека ќе живееме една година што ќе биде безгрижна и година на враќање во нормала, изјави Јакимовски.

Тој најави дека традиционалната награда од Град Скопје – икона и златник, како и сите други награди, ќе бидат донирани во Соборниот храм во Скопје за добротворни цели.

Архиепископот г.г.Стефан  во порака до верниците на водосветсната церемонија истакна дека само со вистинско разбирање и живеење по пораките упатени пред дваесет столетија од брегот на реката Јордан ќе можеме секој од нас да го подготвиме патот господов  по кој господ Христос ќе дојде кон секого од нас и ќе ни помогне да ги порамниме и да ги поправиме нашите животни патеки. 

– Овој повик е упатен до секого од нас повикувајќи не да пријдеме и да земеме учество во радоста на настанот и празникот, во радоста на господа. Затоа и ние во овој миг со мислите да се пренесеме на бреговите на реката Јордан и да им се придружиме на насобраните околу крстителот Јован,  молејќи се и ние да бидеме удостоени и да го препознаем вечниот Бог и да го слушенеме гласот од небесата упатен до сите народи во сите времиња. Во истовреме да му благодариме на господа што со денешниов настан ја востановил светата тајна крштение како врата преку која влегуваме во заедница со него, рече поглаварот на МПЦ-ОА.

Меѓу учесниците на церемонијата беа и премиерот Димитар Ковачевски и градоначалничаката на Скопје Данела Арсовска.

Манифестацијата за празнувањето на Богојавление во Скопје почна со празнична литургија во храмот Рождество на Пресвета Богородица  по што литијата од храмот се упати до мостот „Слобода”  каде беше извршен големиот богојавленски водосвет и положувањето на Светиот крст.

Празникот Богојавление се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.