Свети Спас – најстара црква во центарот на Скопје

Црквата Свети Спас, која се наоѓа источно од тврдината Кале, е најстара црква во централното градско подрачје.

Таа е скромна однадвор. Но, кога ќе влезете внатре тешко дека ќе останете рамнодушни од она што ќе го видите внатре. Прекрасниот иконостас зрачи во темниот простор. Тој е долг 10 метри, а висок 6 метра. Преубавата длабока резба низ која се проткаени мотиви од Сатриот и Новиот завет е само уште еден доказ дека низ овие простори од многу одамна твореле врвни мајстори на занаетот. Освен сцени од Светото писмо се забележуваат и разни геометриски орнаменти, фигури од растителниот и животинскиот свет.

Според својата конструкција иконостасот се дели на пет хоризонтални појаси: база, галерија на престолни икони, архитрав, атика и акротерион.  Стручните лица забележуваат дека, големата уметничка вредност на овој иконостас се согледува во нежноста на линиите, во изведената пластичност на формите, мајсторската стилизација и барокната разиграност. Престолните икони, во најголем број, се работени заедно со иконостасот. Во неговиот горен дел се забележува и икона посветена на Рождеството Христово, на празникот кој го прославуваме на 7 Јануари, а кој во минатото бил одбележуван и во оваа црква, која денес, токму на овој голем христијански празник е затворена токму поради празникот.

Она по што исто така е познат комплексот Свети Спас е тоа што во неговиот двор се наоѓа гробот на големиот македонски револуционер и национален херој Гоце Делчев. Посмртните останки на Гоце Делчев во Скопје биле пренесени на 10 октомври 1946 година и на празникот 11 Октомври биле свечено положени во камениот ковчег.

Со тоа е исполнет заветот тој да биде погребан во главниот град на слободна Македонија, за која се борел и загинал. За моштите на Гоце Делчев се знае дека од 1917 година од селото Баница се преместени во Софија, каде останале се’ до пренесувањето во Скопје.Откако во Софија им биле предадени на тогашните македонски претставници, посмртните останки патувале неколку дена преку Пиринска Македонија, Струмица и Штип, а на 10 октомври 1946 година стасале во Скопје и со највисоки почести биле погребани во црквата „Св. Спас”. За цело време додека се пренесувале коските на Делчев, биле пречекувани од македонските граѓани кои масовно излегувале да му оддадат почит на великанот.

Секоја година на 4 мај, на денот кога бил убиен големиот македонски револуционер,пред белиот камен саркофаг во кој се ставени неговите коски се поклонува држвана делегација.

Во конаците на црквата Св. Спас е сместен Музејот на Гоце Делчев, во кој се изложени парчиња на оружје и други експонати. Може да се најде комитска облека, може да видите парчиња оружје од приватни колекции, јатагани, куршуми, пушки и друго.