Сведоштво на скопјанка: „Човечки коски оставени среде пат на градските гробишта Бутел“

Објава на социјалните мрежи од скопјанката Амела Мемиш Апостоловска, дипломиран психолог и мајка на две деца со попреченост во развојот, предизвика силни реакции во јавноста, откако таа сподели вознемирувачко искуство од посетата на градските гробишта во Бутел на вториот ден од Велигден.

Во објавата, Апостоловска наведува дека додека била со своите деца на гробот на својот татко, нејзиниот син се сопнал од бела вреќа оставена во непосредна близина на гробното место. „Леон се сопна од човечки коски оставени среде пат на гробиштата во Бутел“, пишува таа.

Како што посочува, првично помислиле дека станува збор за градежен материјал, но при обид да ја тргнат вреќата, сфатиле што има во неа. „Ги допревме со раце, мислевме дека е градежен материјал. И во тој момент сфативме што има внатре... човечки коски“, стои во објавата.

Апостоловска додава дека станувало збор за „останки од нечие тело, обележани само со број, без име, без достоинство“, кои биле оставени на патека достапна за посетителите. Во близина, како што наведува, имало и „свежо прекопан гроб, без обележје, со разрушени делови“.

Во своето сведоштво таа укажува дека и покрај законските процедури за ексхумација по одреден временски период, тие подразбираат достоинствено постапување со останките. „Ниту еден закон не дозволува човечките останки да бидат оставени на патека и да бидат изложени пред деца и семејства“, наведува Апостоловска, додавајќи дека ваквата состојба не може да се оправда како „нормална процедура“.

Во објавата се поставуваат и директни прашања до надлежните: „Дали ова е начинот на кој се постапува со мртвите? Кој го дозволил ова? Каде е контролата?“, барајќи одговорност и реакција.

Под објавата следуваа бројни коментари од граѓани, кои изразуваат револт и повикуваат на институционална постапка. Дел од нив оценуваат дека станува збор за „срам, непочит и некултура“, додека други бараат случајот да биде пријавен и испитан од надлежните органи.

За наводите изнесени во објавата засега нема официјална реакција од надлежните институции.