Сведоштво на Емшиу за ДВ: Во тетовскиот ковид-центар ми бараа пари за нега на брат ми

Ибин Емшиу во трагедијата во тетовскиот ковид-центар ги загуби својот татко и брат. Во своето сведоштво за Дојче Веле вели дека, иако добива закани, ќе ја бара правдата. 

Ми се закануваат дека ќе ме убијат, но јас сум решен да ја кажам вистината за пожарот во тетовскиот ковид-центар, раскажува за ДВ  Емшиу.

Тој е гневен на вработените во ковид-центарот, но и на политичарите кои, како што вели, се обидуваат да ја сокријат вистината за трагедијата. Тврди дека морал да им плаќа по 1.000 денари дневно на болничарите за да го негуваат неговиот неподвижен 28-годишен брат кој боледувал од церебрална парализа.

„Шест дена седев таму. Барав помош за нега на брат ми затоа што е неподвижен. Од болницата ми рекоа дека немаат слободен човек кој би можел да ми помогне за да му ги менувам пелените. Јас имам свои здравствени проблеми, но бев во состојба да дадам пари за да се грижат за него, и ова го прифатија. Кога дојде работата да платам, тие прифатија да помогнат. Платив за да ми помагаат два пати дневно." Сумата која му ја побарале била 1.000 денари дневно, тврди Емшиу.