Сведоштва за ослободувањето на Скопје

На 13 ноември 1944 година, по неколкудневни тешки борби со фашистичкиот окупатор, скопјани победоносно ја дочекаа слободата. За Скопје загинаа повеќе од 420 херои кои никогаш нема да бидат заборавени.

За бескомпромисната борба и желбата за слобода, за големата храброст на хероите, ослободителите на Скопје, партизаните од единиците на 42-та и 50- та НО дивизија и ударните групи од градот, доближени преку запис и сведоштвото на командантот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ – Михајло Апостолски (1906-1987).

Пет години слободно Скопје, Михајло Апостолски, „Битката на Скопје“, Градски одбор на Народен фронт, 1949

„За да можат да се соединат 42-та и 50-та НО дивизија, беше неопходно прво да се завземе Штип, потоа да се завземе Велес, и дури после тоа да им се овозможи на 42-та и 50-та НО дивизија да настапуваат кон Скопје и да извршат напад на град Скопје“.

Планот за напад и заземање на Скопје беше следниот: 42-та НО дивизија со две бригади (3-та и 12-та ударна Македонска бригада) напаѓа од југ преку Карлијак со задача после совладувањето на надворешната одбрана на Скопје, со главните сили да стигне до преодите преку реката Вардар и по секоја цена да му оневозможи на непријателот да ги урне мостовите во градот, со дел од силите да дејствува кон Ѓорче Петров.

Во текот на ноќта 11/12 ноември единиците од 42-та НО дивизија го продолжуваат настапувањето и се пробиваат во градот. Изутрината рано на 12 ноември отпочнува борбата во јужниот дел на градот. Борбата се води по улиците на градот, нашите единици брзо напредуваат германските сили се повлекуваат и се прибираат околу порано утврдените згради. 3-та Македонска бригада од правецот Кисела Вода, во еден силен налет, користејќи ја маглата што го беше покрила Скопје на тој ден, се проби со главните сили до Палатата на сегашното Претседателство на Владата и зградата на бугарската полиција и совладувајќи го на јуриш мошне жилавиот отпор на Германците, ги завзема овие згради и ненадејно се појавува во зградите на кејот, каде што отпочнува борба за овладување на мостовите. Делови од 12-та и 3-та бригада ја блокираат железничката станица и започнуваат борба за самата зграда и за Крангова палата, која што се навоѓа близу железничката станица. Главните сили од 12-та бригада отпочнуваат борба за зградата на Учителска школа и Поштата (новата зграда); едно бочно осигурување од 12-та ударна бригада избива на мостот кај Горче Петров.

Во текот на 12 и 13 ноември се развиваат жестоки борби. Поедини згради, како што е Народната банка, Поштата и др. по неколку пати превоѓат од раце во раце. Во овие борби голема улога одиграа ударните групи од градот. Тие веднаш по продорот на единиците од 3-та и 12-та бригада во градот се појавуваат и со самопрегорен елан, ненадејно ги напаѓаат Германците во тилот и боковите, поврзувајќи се со нашите единици, и вршат улога на незаменливи водачи, бидејќи точно го познаваат не само градот, но и организацијата на германската одбрана, та со тоа им укажуваат огромна услуга на нашите единици.

50-та НО дивизија и 8-та бригада со извесно задоцнување пред пладне на 12 ноември отпочнуваат со нападот на германската одбрана на источниот дел на градот и во индустрискиот дел на градот. И овдека се развиваат тешки борби, особено во индустрискиот центар на градот и реонот Гази Баба. Дејството од оние единици почнува да се осетува кај 42-та НО дивизија. Успесите на единиците од 42-та НО дивизија во јужниот дел на Скопје се зацврстуваат со успешното и енергичното напредување на 50-та НО дивизија и 8-та бригада. Германците почнуват да осеќаат дека обрачот се стега.

16-та бригада од Скопската Црна Гора во текот на 11 и 12 ноември успева да разбие неколку групи балисти, кои што ја беа нападнале при нејзиното спуштање од Скопска Црна Гора, и на 12 ноември по пладне отпочнува со нападот на касарните каде што беше распоредена германската артилерија.

Во текот на ноќта на 12/13 и на 13 ноември борбите продолжуваат по цело Скопје.

Германските сили што беа во североисточниот дел на Скопје како и делови на западниот дел на градот, успеваат да се извлечат под зашитата на тенковите и да отстапат во правецот на Качаник. Оние сили што се забарикадирале во разни згради, гледајќи дека им пропаднаа сите противнапади како на нивните единици за пробивање, така исто и на единиците за деблокирање, почнуваат доцна во ноќта постепено да капитулираат. Во текот на ноќта 13/14 ноември вршено е чистење на градот од поедини помали заоста- нати групи Германци.

Ова чистење продолжи и во текот на 14 ноември. Благодарејќи на брзите и силни налети и упорни борби на нашите единици, Германците не успејаа да ги урнат друмските мостови во Скопје, иако тие беа минирани. Потоа, тие не успеа да ги разурнат и останатите главни згради кои што ги бранеа, иако и тие беа минирани: само успеаја да ги разурнат железничките мостови во Скопје и Горче Петров, едно крило од зградата на железничката станица, а подоцна една непронајдена мина ја оштети Народната банка.

Левата побочница од 42-та дивизија (батаљон на 12-та бригада) по завземањето на Бел Камен (953) водеше многу жестоки борби во реонот на село Матка, каде што германските инжињерци со балистички сили се обидоа минираат и разурнат хидро- централата “Матка”. Меѓутоа, со своето упорно држање овој батаљон, помогнат од ударните групи на мештаните успева да ги разбие балистите и Германците и со тоа ја запазува Хидроцентралата, а и Скопје од евентуална поплава. Улогата на побочницата е извршена завршена во потполност.“