Сведоштва на преживеани во несреќата кај Лесковац: Ужасни глетки и врескање

-Кога се разбудив слушнав врескање. Видов луѓе со крвави глави и раце, и слушнав дека некој кажа оти има загинати, раскажува момче од Битола, еден од патниците од македонскиот автобус на линија Битола-Виена, кој се преврте кај Лесковац. 

Сспоред медиумите од Србија , за несреќата се виновни лизгавиот пат, снегот и мразот.

На лице место загинаа маж и две жени, а меѓу повредените патници се наоѓа и бебе од година дена и дете од девет години, и тие за среќа се во добра состојба.

-Не знам кој повикал итна помош и полиција, но набрзо стигнаа неколку коли лекарите влегоа во автобусот. Веднаш ни пружија помош. Потоа стигнаа пожарникарите, мислам дека се од Лесковац и сите заедно не извлекоа од автобусот - рекло момчето од Битола кое во несреќата си ја повредило раката, пренесуваат српските медиуми.

Повредените кои се во болницата во Лесковац, според министерот за здравство Венко Филипче, кој вчера заедно со државниот секретар на Владата Драги Рашковски се во посета, се со полесни повреди, додека оние во Ниш се со потешки повреди, но не се во животозагрозувачка состојба.

„Во болницата во Ниш се хоспитализирани шест македонски граѓани од сообраќајната несреќа што се случи кај Лесковац. Тие се со сериозни повреди, но се стабилни. Двајца од нив се на машини за дишење, од кои едниот со повреди на главата, а другиот со повреди на вратниот р’бет. Ноќва ќе им се следи состојбата на сите што се овде хоспитализирани, а потоа ќе се направи проценка дали ќе бидат оперирани во Србија, или ќе ги вратиме во Скопје и кај нас ќе ги оперираме“, вели Филипче.

Повредените кои се во болницата во Лесковац, според министерот се со полесни повреди, но ќе останат таму за да им се следи состојбата, и за ден два ќе се вратат во Скопје.

Во автобусот на компанијата „Еуробус“ од Струга, кој вчера вечер тргнал во 19 часот од Битола на линија за Виена имало 35 патници. Во несреќата загинаа тројца патници, а 32 беа повредени. По укажаната лекарска помош патниците со полесни повреди беа сместени во хотел, а како што информираше Министерството за надворешни работи идентификунави се двајца од загинатите.