Свечено затворање на „Скопско лето“ со концерт на Камерниот оркестар на музичка младина

Свеченото затворање на „Скопско лето“ 2018 ќе се одржи вечерва со концерт на Камерниот оркестар на музичка младина на Македонија „Саша Николовски – Ѓумар“ со диригент Олег Кондратенко, кој ќе биде со почеток во 20:30 часот на Факултетот за ликовни уметности – Сули ан. Концертот е во соработка со Музичка младина на Македонија.

Камерниот оркестар на музичката младина на Македонија постои повеќе од 30 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид 1986 година.Овој ансамбл е прв и единствен од ваков вид на просторите на југоисточна Европа. Тој е составен од студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје, односно со учество на над 290 млади музичари, но и гости и млади музичари од други земји. Со своето музицирање во сиот овој период се наметна на музичката јавност не само како неопходност туку и како изведувачки состав со високо професионални квалитети.

Диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле: Ф.Муратовски, Г.Коруновски, С.Николовски –Ѓумар, В.Николовски – Ѓумар, М.Спасов, Б.Цанев, А.Ремерајт, Б.Чадловска, О.Кондратенко, Е.Перцан со постојана тендеција за промоција на млади диригенти и солисти. Оркестарот има реализирано повеќе од стотина концерти, добивајќи високо позитивни критики, но и национални награди и признанија.

Покрај класичниот репертоар, оркестарот има изведувано дела од современи, како и од македонски автори. Како признание за постигнатите резултати во 1995 година оркестарот беше поканет и одржа концерт во Будимпешта по повод 50-годишнината од основањето на Светската федерација на музичка младина и приемот на Музичката младина на Македонија во оваа организација. Оркестарот има остварено повеќе телевизиски и радиоснимки, како и сопствена ЦД-продукција. Повеќе од 30 години завршниот концерт на Летната сесија на оркестарот е постојан дел на програмата на фестивалот „Охридско лето“, а во последните 10 години и на манифестациите „Скопско лето“ и „Битолско лето“.