Свечено отворање на „Синедејс“ в четврток

Младинскиот културен центар го најавува 23. издание на „Синедејс“ кое ќе трае од 11 до 17 јули, а воедно и отворањето на фестивалот на 11 јули кое ќе го одбележи проекцијата на филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд”, во режија на Андреас Јонсен и во продукција на МКЦ, Rosforth и Rumraket, како и концерт на „Ефтеркланг: Македониум бенд”.

Музичкиот документарен филм кој се снимаше во текот на април 2023 претставува музичко патешествие на групата Ефтеркланг во потрага по македонски музичари, со цел составување на голем ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот „Македониум” во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност.

Премиерата на филмот, се одржа на 23 март 2024 во рамките на “CPH:DOX” и беше проследена со уникатен концерт на ансамблот „Ефтеркланг: Македониум бенд“ во кој членуваат 22 македонски музичари.

Филмот ја заокржува истражувачката потрага на овој дански состав на прекрасен, непосреден и шармантен начин, преку патувачка турнеја низ Македонија. Младински културен центар се јавува во улогата на продуцент преку својата логистичка и организациска поддршка на целиот проект.

Покрај бендот Ефтеркланг, во ансамблот членува и Женскиот младински хор при МКЦ со 16 хористки, потоа музичарите Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска и Јане Трајковски.

Реализацијата на филмот е поддржана од страна на Министерството за култура со 250.000 денари, потоа Данскиот уметнички совет и “Culture Moves Europe” програмата на Европска унија.

Билетите за отворањето на фестивалот се целосно распродадени.