Свечена Лазарева поворка утре низ центарот на Скопје

Утре(4. април) во центарот на Скопје ќе се одржи Свечена Лазарева поворка по повод празникот Лазарева сабота. 

Поворката ќе тргне во 12:00 часот напладне. Собирно место е дворот на храмот „Св. Димитриј“, а поворката ќе се движи до храмот „Св. цар Константин и царица Елена“. 

- Пред почетокот на Поворката, пред храмот „Св. Димитриј“ ќе се делат врбови гранчиња на сите учесници, а за најмладите ќе има и мало изненадување. Ве покануваме сите да земете учество во оваа радосна поворка, носејќи врбови гранчиња и добро расположение, продолжувајќи ја убавата традиција на нашите предци и подготвувајќи се за претстојните големи празнични денови, информираат од Здружението за негување на православните традиции „Бадникови поворки“. 

Лазарева Сабота е празник исполнет со радост и надеж, кога се сеќаваме на чудото на воскресението на Лазар.

Во нашата културно-народна традиција, овој ден се одбележува со Лазареви поворки. Обичајот бил широко распространет, а во него особено биле вклучени училишните установи. Така, во пресрет на празникот, децата, заедно со своите родители, повозрасни роднини и другарчиња, собирале врбови гранчиња и пролетни цвеќиња и потоа во радосни поворки, пеејќи песни за воскресението на Лазар, се упатувале кон храмовите каде што ги принесувале насобраните букети.

Следниот ден на празникот Цветници - влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим, овие врбови гранчиња се раздавале на верниците, а со цвеќињата се украсувале храмовите и домовите. До Цветници децата минувале и низ маалата и насекаде ја носеле празничната радост, додека од Велики Понеделник започнувала Страдалната седмица, кога се практикувала тишина и позасилена молитва во спомен на значајните настани кои се случиле во тие денови.

Лазаревите Поворки претставуваат значаен дел од нашето богато духовно и културно наследство.