Свадбите и веселбите не добија зелено светло

Комисијата за заразни болести не даде зелено светло за организирање на свадби и веселби во угостителските објекти. Заклучокот е дека не се створени услови за организација на ваквите настани со оглед на моменталната епидемиолошка состојба која се манифестира со зголемен број на потврдени случаи на Ковид-19.

Во заклучокот на Комисијата се вели дека кога ќе се стабилизира епидемиолошката состојба и ќе се намали бројот на инфицирани свадбените и другите свечености ќе се организираат согласно протоколите кои ќе предвидат строго пропишани мерки за превенција од Ковид-19.

Угостителите за утре најавија протест пред Владата доколку не им биде дозволено организирање на веселби.

Минатата недела Владата дозволи да се организираат концерти на отворено со преполовен капацитет, задолжително носење маски на сите гости и продавање карти онлајн за да не створаат гужви на билетарниците.