Во полн ек е сезоната на свадбите. Месеците мај, јуни и септември за најактуелни за правење на свадбена веселба.

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) секоја година се склучуваат по 14 илјади бракови. Пресметките покажуваат дека една обична и скромна свадба со 200 гости чини најмалку четири илјади евра. Сепак има и луѓе кои не слават, но и такви кои трошат и десетици илјади евра. Така се доаѓа до просечната вредност од 50 милиони евра годишно, анализира порталот Денар.

Ресторан: порција од 12 до 50 евра

Ресторан, хотел или дома – основна дилема при организирањето на свадба, а и еден од најголемите трошоци.

Бројот на ресторани кои се специјализирани за свадби расте постојано. Сепак, со зголемената конкуренција угостителите не ги намалија цените, само почнаа да нудат дополнителни услуги.

„Ако пред 10 – 15 години имаше само неколку места кои беа целосно посветени на одржување на свадби, сега ги има десетици. Секако дека конкуренцијата постојано се зголемува, но ние се трудиме и успеваме да ја следиме. Таа е и добра за бизнисот бидејќи секогаш се трудиме да одиме напред и да нудиме подобра услуга на задоволство на нашите клиенти" објаснува Марија Петровска, менаџер на ресторан специјализиран за организација на свадби.

Цените на менијата со години се речиси исти – се движат од 12 па до 50 евра во зависност од порциите, од пијалаците, но и од угледот и локацијата на самиот ресторан. Оттука за најевтината понуда од 12 евра, за свадба со 200 гости ќе треба да се одвојат 2.400 евра.

Снимање и фотографирање: најмалку 50 евра

Најмувањето професионални фотографи и сниматели веќе е пракса – чини од 50 до 3.000 евра во зависност од квалитетот, но и дали гостите сами ќе си платат за сликите со младите. Конкуренцијата во овој бизнис е многу голема, па неретко се случува во обид да се заштеди, да се остане без добри снимки. Затоа, мора многу да се внимава при изборот.

„Сите знаат што е квалитет, но ако можат да заштедат најмногу штедат токму на фотографија и веројатно на музика. Ова го работам речиси две децении и сега за сега сум задоволен од бизнисот. Исплатливо е, но зависи од сезоната. Работа имаме од пролет по Велигден па до крајот на октомври, почетокот на ноември. Сепак, има проблеми. Се соочуваме со спуштање на цените од приучени фотографи, конкуренција од рестораните кои почнуваат да нудат фото во пакет со целата услуга, па дури и цвеќарниците и слаткарниците склучуваат договори со нестручни фотографи и нудат некакви пакети" вели сопственик на фото – студио.

Венчаница и одело: најмалку 400 евра

Еден од најважните делови на свадбата секако е изборот на гардероба – венчаниците чинат од 250 па и до неколку илјади евра. Младоженците за костуми плаќаат и до два пати помалку.

Изборот на венчаница е веројатно една од главните дилеми за секоја невеста – се разгледуваат списанија, се пребаруваат интернет страници на светски познати дизајнери со месеци однапред. Иако се почесто има невести со ограничен буџет кои купуваат венчаница од продавница, а некои дури и изнајмуваат невестински фустани за околу 100 евра има и такви кои даваат и по неколку илјади евра за совршениот фустан, а други одат дотаму да се преслечат во две венчаници во еден ист ден. Сепак, кроењето по мерка е најчестиот избор. Шивачките салони имаат работа преку глава во периодот од април до септември.

Цените на венчаниците почнуваат од 250 евра за наједноставната креација до околу 1.500 евра за најсложената.

Музика: најмалку 400 евра

Музиката е клучен фактор без кој ниту една веселба не може да помине. Што и да се одбере за прослава на еден од најважните денови во животот, невестата и младоженецот ќе мора да издвојат од 400 па се до неколку илјади евра.

До 800 евра чини бенд без разлика за каква музика станува збор. А ако како главен забавувач дојде популарен пејач тогаш цената достигнува од 1500 до 2000 евра. Дополнително се плаќа за барем половина час забава со трубачи и плех музика.

Околу 150 евра чини салонски оркестар кој би свирел 15 до 20 минути додека трае чинот на склучување на бракот во матично или во ресторан.

Црква: најмалку 4.000 денари

Македонската православна црква има тарифник за услугите. Цените се движат од 50 до 100 евра, плус дополнителни трошоци. Така на пример, ако младите одлучат да ги венча еден поп ќе платат 4.000 денари или три попа 5.500 денари.

Цената за венчавка е различна во секоја црква и најверојатно тоа се должи на местоположбата на храмот, дали е во центар или на периферијата. МПЦ-ОА дава услуги и во странство каде има наша дијаспора, цените се разбира се повисоки согласно тамошните стандарди

Муслиманите и католиците овој чин ги чини поевтино. Оџата за венчавка наплаќа 1.000 денари, а католичкиот свештеник само 700 денари, наведува Денар.

Но за да биде законски признат чинот на венчавање треба да биде извршен и од страна на државните матични служби. И услугите на матичарот имаат различна цена. Ако сакате да дојде на локација по ваша желба во работен тоа ќе ве чини 50 евра, за викенд двојно повеќе. Во општинските простории цените се неколку пати пониски.