Сузана Спасовска со концертен музички времеплов

Примадоната на македонската музика, Сузана Спасовска, на 4 март, во Македонската опера и балет, ќе одржи јубилеен концерт со кој ќе одбележи три децении на естрадата.

Концертниот музички времеплов е под мотото „30 години музика, 30 години сцена, 30 години за Македонија„ во рамките на кој пред публиката ќе бидат изведени највпечатливите песни во кариерата на најголемата домашна фолк икона.

Фолк спектаклот ќе претставува интересно музичко патување низ кариерата на Сузе Национале, која ќе ја потсети публиката на своите музички почетоци, но и на големите хитови. Истовремено, таа останува доследна на својата естрадна уникатност, при што ќе приреди и специјални музички изненадувања за публиката.

На јубилејниот концерт на сцената заедно со Сузана Спасовска ќе се појават нејзините најблиски соработници и пријатели во изминатите години : групата Академци зајакната со повеќе инструменталисти како носител на целовечерниот музички дел, потоа камерен оркестар за неколку композиции, додека специјални гости ќе бидат : Зоран Џорлев, Милан Завков, Сашо Ливрински, Тодор Трајчевски, Гоце Џуклески, вокалната група на Националниот ансамбл „Танец„ Мишко Талески.

Концертот е во организација на Роса Продукција и е поддржан од Министерството за култура, како и пријатели и почитувачи на музичкото дело на Сузана.

Влезниците се пуштени во продажба на билетарницата на Универзалната сала и во салонот на Пола Југотон во ГТЦ – Скопје. Дојдете и уживајте во бисерниот глас на македонската фолк икона, Сузана Спасовска. 4 март, Македонска опера и балет, 20:30 часот.