Суперкуп финале меѓу Јувентус и Ајакс ќе го запише Скопје во историјата

Евентуално финале меѓу Јувентус и Ајакс ќе го запише Скопје во историјата на фудбалската игра, рамо до рамо со Прага во 42 финалиња во Суперкупот на Европа.

На 8. август главниот македонски град ќе биде домаќин и организатор на спектаклот што ќе го „режираат“ победникот во Лигата на шампионите и освојувачот на трофејот во Европа Лигата на УЕФА.

Претходно, на 24. мај во Стокхолм, Шведска, за пехарот во Европа Лигата ќе играат Ајакс и Манчестер јунајтед, а во велшки Кардиф на 3. јуни на највредната европска клупска круна ќе атакуваат Јувентус и Реал Мадрид.

Ако Јувентус и Ајакс успеат да ги освојат титулите, тогаш во Скопје, по вторпат во историјата на Суперкупот на Европа би играле две екипи што ги имаат сите три европски трофеи.

„Старата дама“ од Торино има две круни од Лигата на шампионите, три од УЕФА купот, или како што сега се нарекува Европа лига и една од Купот на победници на купови, натпреварување што веќе не постои.

Ајакс е четирикратен европски првак, а по еднаш популарните „копјаници“ од Амстердам го освојуваа пехарот и во УЕФА купот и во КПК.

Во Европа има само 4 клуба со сите три круни од овие три натпреварувања, а останатите две покрај Јувентус и Ајакс, се Баерн и Челзи. И токму тие два клуба играа меѓусебе на „Еден арена’ во Прага во 2013 година, како прв и досега единствен случај за титулата во Суперкупот на Европа да играат два клуба со сите европски клупски титули во колекцијата.

Спортмедиа.мк