Судскиот совет ќе спроведе истрага за случајот со пресудата за 22-годишната Теодора Ристевска, која трагично загина во сообраќајна незгода во Тетово. Ова следи по острите реакции на семејството и пошироката јавност поради изречената двегодишна затворска казна за возачот, во повторената судска постапка пред Основниот суд во Тетово.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера го повика Судскиот совет да ја испита работата на судијата.
Министерот за правда Игор Филков, исто така, побара реакција од Судскиот совет, коментирајќи ја пресудата и нагласувајќи дека довербата на граѓаните во правосудниот систем е на исклучително ниско ниво.
Семејството на Теодора изрази незадоволство од висината на казната и долготрајноста на судскиот процес. Пресудата предизвика силни реакции и на социјалните медиуми, поради целокупниот процес и премногу „благата“ казна.
По сообраќајната несреќа во август 2022 година, причинителот кој ја прегази 22-годишната Теодора првично беше осуден на три години и шест месеци затвор. Апелациониот суд ја намали казната на две години, но Врховниот суд ги поништи пресудите и го врати случајот на повторно разгледување. Судот во Тетово вчера повторно му одреди две години затвор на сторителот.
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, во изјава за МИА вчера изјави дека побарале увид во предметот за пресудата за Ристевска, наведувајќи дека ќе реагираат доколку утврдат неправилности. “Веднаш побаравме да видиме што се случува, предметот е побаран и треба да ни биде испратен. Ќе извршиме увид и доколку има пропусти ќе реагираме, доколку е сè во ред, ќе соопштиме”, рече тој.
Премиерот Христијан Мицкоски, вчера ја изрази својата огорченост од пресудата и порача дека тоа “не е правда, туку целосно потфрлање на системот” и го повика Судскиот совет да ја преиспита работата на судијата кој донесе одлука да го казни возачот кој ја прегази младата Теодора Ристевска од Тетово на две години затвор.
„Јавно да прашам, има ли некој во државава кој смета дека тука имаме задоволена правда?! Јас не само што не сметам дека правдата е задоволена, но и како претседател на Владата, како човек и родител на две деца сум силно разочаран. Ова не е правда, и тука имаме потфрлање на системот по сите основи. Знам дека некој ќе ми се налути, ќе излезат и такви полноглавци коишто ќе ме критикуваат после ова што ќе го кажам, но јавно барам од Судскиот совет да се преразгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се реализира оваа пресуда”, изјави премиерот на конститутивна седница на Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата.
Министерот за правда Игор Филков, коментирајќи ја пресудата на судијата Ељведин Ферати, изјави дека “уште еднаш се покажа дека довербата на граѓаните во судството од два отсто не е џабе”.
„Јас ниту смеам, ниту можам да ја коментирам пресудата, но она што секако сакам да го искоментирам е реакцијата на јавноста, а реакцијата на јавноста е оној глас на народот којшто е многу битен, којшто треба да допре до секој од нас, вклучително и до Судскиот совет кој е повикан да реагира. Тие два посто доверба во судството уште еднаш се покажа дека не се џабе”, рече Филков, одговарајќи на новинарски прашања по средбата со неговиот црногорски колега Бојан Божовиќ.
Судијата Ељведин Ферати, дополнително беше критикуван во јавноста и поради сомнежи за неговиот интегритет, односно дека си ги корегирал оценките на Тетовскиот универзитет со пречкртување. Државниот просветен инспекторат минатата година утврдил нерегуларности во неговите оценки, што доведе до предистражна постапка од страна на Скопското јавно обвинителство.