
Судскиот совет го разреши судијата Енвер Беџети од судија во Апелацискиот суд во Скопје. Советот за одлучување по жалба при Врховниот суд на Македонија на седница одржана на 3 септември донел решение ОСЖ-4/25 со кое го потврдува решението на Судскиот совет од 26 мај.
Судскиот совет по спроведена постапка за утврдување одговорност на судијата Енвер Беџети, судија на Апелацискиот суд Скопје на седницата одржана на 26 мај 2025 година донесе Одлука со која судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети се разрешува од вршење на судиската функција.
Одлуката на Судскиот совет беше обжалена од страна на судијата Енвер Беџети до Советот за одлучување по жалба при Врховниот суд на Македонија.
Решението на Советот за одлучување по жалба при Врховниот суд со кое е одлучено по жалбата поднесена од Енвер Беџети е доставено и примено од Судскиот совет на 22 септември 2025 година.
Судскиот совет има законска обврска одлуката за разрешување на судија да ја објави на својата веб страница и во „Службен весник на РСМ“ по правосилно завршување на постапката. Одлуката за разрешување на судијата Енвер Беџети, Судскиот совет ја објави на својата веб страница и во „Службен весник на РСМ“ бр. 197/25 од 24 септември.
Стејт департментот лани на 9 декемеври го стави судијата Беџети на црната листа со забрана за влез во САД, бидејќи имале докази дека е вмешан во значителна корупција преку примање мито. Беџети беше означен за вклученост во значителна корупција, заедно со поранешниот вицепремиер Артан Груби.