
Основниот граѓански суд Скопје донесе решение со кое се усвојува предлогот на М-НАВ АД Скопје за изрекување на привремена мерка – забрана на најавениот штрајк од страна на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ), подружница на Независниот синдикат на работниците од сообраќајот и врските на Република Северна Македонија.
Судот утврдил дека најавениот штрајк е спротивен на законските одредби, бидејќи не е спроведена постапка за мирно решавање на колективните спорови, а штрајкот не произлегува од конкретни барања од работен однос.
Од М-НАВ АД Скопје го поздравија решението на Судот, нагласувајќи дека компанијата останува посветена на почитување на законитоста, обезбедување на безбедност и непречено функционирање на воздушниот сообраќај во земјата.
Пред само неколку дена, медиумите објавија дека македонскиот воздушен простор требаше целосно да се затвори на 20 и 24 октомври поради најавен штрајк на контролорите на летање. Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛМ) тогаш ја активираше одлуката за штрајк, објаснувајќи дека менаџментот на М-НАВ не ги исполнил претходно дадените ветувања и дека состојбата во претпријатието е загрижувачка поради кадровски одложувања и блокади.
Од синдикатот тогаш посочија дека 20 октомври бил намерно избран како датум за почеток на штрајкот, веднаш по завршувањето на локалните избори, „за да не се остави простор раководството на М-НАВ да го прикаже штрајкот како политички мотивиран“.
Со најновата одлука на Судот, засега штрајкот е привремено забранет, а воздушниот сообраќај во Македонија ќе продолжи непречено да функционира.