
Продолжуваме со поддршка за младите претприемачи во нашата општина, од годинава субвенциите растат на 10.000 денари, информира денеска градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски.
„Согласно моето ветување на локалните избори, поддршката за младите кои се активни во занаетчиството или водат мали локални бизниси продолжува и расте. Оваа година, истата ќе ги опфати сите млади лица до 35 години кои се активни во занаетчиството или водат мали локални бизниси, а мерката важи од денот на отворање на бизнисот“, истакна Георгиевски во објавата на Фејсбук.
Со оваа и други мерки и активности, вели дека го поттикнуваат младинското претприемништво, самовработувањето и развојот на локалната економија.
„Остануваме посветени на градење на нашето партнерство со бизнис секторот и младите“, порача градоначалникот.