
Времето денеска ќе биде облачно и студено со врнежи од дожд, кои на повеќе места ќе бидат обилни. На планините врнежите од дожд ќе преминат во снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, облачно и студено со повремени врнежи од дожд, повремено пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде 10, а максималната ќе достигне само до 11 степени.
Утре ќе има врнежи од дожд, а на планините и на некои од повисоките места од снег. На планините ќе се формира значителна, а на повисоките места помала снежна покривка. Ќе дува умерен до засилен северен ветер.
Од сабота времето ќе биде стабилно со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст.
АД ЕСМ информира дека од денеска, 2 октомври, започнува грејната сезона за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во Скопје.
Иако грејната сезона официјално почнува на 15 октомври, регулативата предвидува почеток и порано доколку прогнозата за средна дневна температура е еднаква или пониска од 12˚C. Според Управата за хидрометеоролошки работи, за денеска е најавена средна температура од 10˚C, со што се исполнети условите за производство и испорака на топлинска енергија.