Студентскиот дом “Кузман” го исфрла мазутот и ќе се грее на парно

Студентскиот дом “Кузман Јосифовски – Питу” во центарот на Скопје ќе се поврзе на топловодната мрежа. Како што најави заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули, активноста за поврзување ќе се случи овој месец.

– Во моментов во домот престојуваат 490 студенти. Затоплувањето на просториите се врши со мазут за што во зимскиот период се потребни 230 тони што е годишен трошок од 7,1 милион денари, од кои пет милиони ги покрива државата. Со поврзувањето на топлинскиот оператор трошоците ќе се намалат на околу 5,38 милиони денари – истакна Макрадули на четвртиот од серијата отворени денови за иницијативи на граѓански организации, кој се однесува на “Планот за чист воздух” за 2019 година и временската рамка за спроведување на истиот, што се одржа во Владата.