Студени утра во Скопје, за старт на грејната сезона уште е рано

Во текот на неделава дневните температури ќе бидат околу 20 степени, но утринските ќе се симнат и до 5 степени. Со оглед дека грејната сезона официјално почнува на 15.октомври граѓаните на кои им е студено дома ќе мора во меѓувреме да се грејат на струја, доколку може да си го дозволат тоа. 

Последната недела од месецот ќе донесе постабилно време и нешто повисоки температури. Дневните температури ќе се движат околу 25 степени, а утрински околу 10 степени.

Првата половина од октомври ќе донесе стабилно време, сончево и потопло, а втората половина ќе донесе врнежи од дожд и пониски температури. Утринските температури на крајот на октомври ќе се симнат до 0 степени, а дневните ќе се движат помеѓу 10 и 15 степени на скалата од Целзиус.   

До тогаш, скопјани се надеваат дека без проблеми ќе започне грејната сезона. 

Согласно Правилникот за снабдување со топлинска енергија испораката може да почне и пред 15. октомври, доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12 степени, согласно официјалните податоци од Управата за хидрометеоролошки работи. Конечната одлука за испорака на топлинска енергија во деновите пред 15. октомври ја носи Регулаторната комисија за енергетика.