Струјата и парното од денеска поскапи

Цената на електричната енергија за домаќинствата од денеска  е зголемена за 9,48 проценти и е укината дневната евтина тарифа. Поскапено е и парното греење за скопјани за 14,05 отсто.

Евтината тарифа во текот на ноќта и во недела остануваат, а според образложението на Регулаторната комисија за енергетика доколку не се укинеше дневната евтина тарифа од 14-16 часот, цената на струјата ќе требаше да се зголеми за 14,23 отсто.

РКЕ по носењето на одлуката за поскапување на струјата најави дека кон крајот на месецов или почетокот на следниот месец ќе воведе блок тарифи со кои ќе се обезбеди потрошувачка на струја по пониска цена. Оттаму порачаа дека рестрикциите не се опција. Паралелно со одлуката на РКЕ Владата усвои Програма за ранливи потрошувачи на енергија за 2022 година, со која се предвидува најранливите категории  лица со ниски примања кои не се приматели на гарантирана помош, да добијат намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија од 600 или 800 денари месечно, во зависност од големината на домаќинството.Со Програмата треба да бидат опфатени околу 7.500 домаќинства во времетраење од 12 месеци. Финансиска поддршка ќе се доделува на лица доколку нивните редовни месечни примања не го надминуваат нето приходот и тоа, за самец до минимална плата, за домаќинство со два члена до 18.000 денари, за домаќинство со три члена до 21.000 денари, за домаќинство со четири члена до 25.000 денари и за домаќинство со пет или пак повеќе члена до 30.000 денари.

Основен критериум за формирање на цената на парното греење, како што објави вчера претседателот на РКЕ Марко Бислимовски, е цената на природниот гас која лани просечно се движела околу 240 долари за нормален кубен метар, а годинава на БЕГ производство му е понудена цена од 1480 долари. При формирањето на цената за крајните потрошувачи РКЕ вкалкулирала цена на гасот од 340 до 350 долари за нормален кубен метар, бидејќи цената што му е понудена на БЕГ е досега највисока откако се користи природниот гас во земјава.

-РКЕ не може да прифати ценовни шокови и значително зголемување на цената на топлинската енергија и не може товарот да го префрли само врз потрошувачите. Доколку ја вкалкулиравме ваквата цена на природниот гас од 1480 долари во крајната цена за топлинската енергија ќе требаше да има зголемување од околу 190 отсто, но тоа не е опција и решение само ќе ги влоши состојбите и во секторот за топлинска енергија и во секторот за природен гас. Затоа се одлучивме да побараме помош од Владата, Град Скопје и скопските општини да помогнат да се надмине разликата во цената и високиот трошок за набавка на гас, рече Бислимовски и додаде дека проблемот со цената на природниот гас не е наш и го има во цела Европа.

Според Бислимовски, Владата веќе презема одредени чекори, кои, како што рече, ќе ги објави во наредниот период со цел да најде начин како да се покрие трошокот за парно греење кој што не е покриен со одлуката на РКЕ за цената.

-Барам и апелирам до Градот Скопје и до општините на Градот Скопје да помогнат за покривање на дел од трошоците за топлинска енергија во Градот Скопје, рече Бислимоски.

Просечниот трошок за набавка на природен гас во 2021 година изнесува околу 2 милиони евра, а за јануари 2022 година  е 13,8 милиони евра. Со одлуката на РКЕ се признава трошок од околу 4 милиони евра. Разликата во цена од околу 9 милиони евра, како што кажаа од РКЕ, ќе ја надополнат сите чинители, Владата и општините на Град Скопје.

Бислимовски информираше дека е набавен гас за ЕСМ Енергетика и за топланата Скопје Север, како и за  работењето на БЕГ, но се бара начин како да се плати гасот кој вообичаено авансно се плаќа за две недели. За наредните 10-тина дена обезбеден е природен гас, прецизира тој, а ќе се најде начин да се плати и преостанатитот дел и додаде дека не е опција граѓаните на Скопје да останат без парно греење.

Во системот на БЕГ има околу 60 000 корисници, во Скопје Север околу 500, а кај ЕСМ Енергетика околу 4000 потрошувачи.