Струга оваа година најевтина за летување - плажите спремни за туристите

Кафе на струшкото крајбрежје чини 30 денари, пиво 60, сендвичи и тостови по 60 , крофни 30 и 50 денари.

За поголема безбедност на капачите во водите на Охридското Езеро, концесионерите на струшките плажи имаат изнајмено спасители на вода.

Секретарот на општинската организација на Црвениот крст – Струга Адуриме Даути за МИА информира дека сите плажи и аква паркот имаат склучено договори и оти 22 спасители ќе се грижат за безбедноста на капачите.

Иако интересот за спасители на почетокот на туристичката сезона, според неа, бил послаб, сепак кон средината на јули концесионерите склучиле договори со Црвен крст – Струга, ги обезбедиле плажите и сега сите легални плажи ги исполнуваат условите за капење и рекреација на посетителите.

Даути упати апел до капачите да внимаваат во езерските води, да не одат надвор од обележаните зони, а оние кои користат педалинки задолжително да носат елеци за безбедност.

- Апелираме особено до оние туристи кои не знаат да пливаат да не одат подалеку од обележаната зона, која ја обезбедуваат спасителите. Издавачите на педалинки, кои иако се забранети во Струга, може да се видат на крајбрежјето, да издаваат безбедносни елеци и да не ги користат капалиштата за овие пловни објекти, изјави Даути.

Посочи на внимателност и на родителите со деца и доколку се изгубат или им е потребна друга помош да се обратат кај спасителите на Црвениот крст.

Сите денешни вести прочитајте ги тука.