Стручна анализа: Градете од челик, не ставајте малтер

Посилен земјотрес од оној што го погоди Скопје во 1963 година, не може да се очекува. Ова го истакнал поранешниот професор по статика на Архитектонскиот факултет од Скопје, покојниот Апостол Поцески, во неговата студија „Последиците од земјотресот во Скопје 1963“, која е објавена уште во 1967 година, пишува Телеграф.

Во студијата, која како архивски материјал постои во Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“, професорот Поцески до детали ги разгледал причините за различниот степен на разурнувања во Скопје за време на земјотресот од пред 53 години. Тој има изработено и детална мапа, во која, врз основа на испитување на почвата, се објаснува кои делови од градот се подложни на поголеми разурнувања, а во кои е најбезбедно да се гради.

Според неговите наоди, во градот постои т.н. црн појас, кој поминува од Кисела Вода, па преку централното подрачје, се движи низ делови од Карпош и стигнува речиси со влевањето на Лепенец во Вардар. Таму во 1963 разурнувањата биле најголеми, а очекувањата се дека во истиот појас би имало слични такви штети и уривања при евентуален сличен потрес.

Поцески апелирал тоа подрачје да се избегнува како место за градба, а доколку се гради, тоа да биде со техники и материјали што се соодветни за сеизмички активно подрачје.

Скопје нема да го удри земјотрес посилен од 1963-та

Според неговата анализа, неминовно е на Скопје да му се случат потреси, но според составот на почвата, тие не можат да бидат посилни од тој во 1963 година.

„Бидејќи максималниот интензитет на потресот беше 9 степени (според Меркалиевата скала) и максималните величини на вибрациите на почвата беа некаде околу горните можни граници што можат да се очекуваат, може да се заклучи дека во Скопје најверојатно поголем интензитет на земјотрес од оној во 1963 година, не може да се очекува“, се вели во студијата на Поцески, при што се додава декатогашниот катастрофален земјотрес е карактеристичен за оваа област, како по својот карактер, така и по распределбата на интензитетот, односно сликата на оштетувањето.