
Промената од летно на зимско сметање на времето и годинава ќе се применува во Европа. Според утврдениот календар, во последниот викенд од октомври часовниците ќе се поместат еден час наназад.
На 25 октомври 2026 година во 3 часот по полноќ, стрелките ќе се вратат на 2 часот, со што официјално започнува зимското сметање на времето.
Иако промената ќе се спроведе и годинава, тоа не значи дека сезонското поместување на часовниците е трајно загарантирано и во наредните години. Европската комисија има објавено календар според актуелните правила, додека земјите-членки и понатаму можат да одлучуваат за евентуално укинување на оваа практика.
Според постојниот распоред, летното сметање на времето во 2027 година ќе започне на 28 март, кога часовниците ќе се поместат еден час нанапред. Летното сметање ќе трае до 31 октомври 2027 година, кога повторно ќе следува враќање на зимското време.
Укинувањето на сезонското поместување на часовникот веќе неколку години е тема во Европската Унија. Европскиот парламент во 2019 година поддржа предлог за прекин на оваа практика, но земјите-членки досега не постигнаа конечен договор дали трајно да се применува летното или зимското сметање на времето.
Поради тоа, засега останува во сила постојното правило – часовниците се поместуваат во последниот викенд од март и последниот викенд од октомври.
Истата практика се применува и во Северна Македонија, каде што во пролет часовникот се поместува еден час нанапред, а во есен стрелките се враќаат еден час назад.