Стравот ги тера родителите по вакцини во Грција

Кога се во прашање вакцините на децата, родителите во последниот период се во голема дилема. 

Тие сѐ почесто носат одлука да ги носат децата на вакцинирање во соседна Грција, бидејќи повеќе веруваат во тамошните вакцини отколку во овдешните. 

Причината за ваквата одлука на голем број родители се должи на неодамнешниот скандал, во кој повеќе од 600 МРП-вакцини, според декларациите, биле со поминат рок. И покрај апелите на Министерството за здравство дека вакцините се исправни и дека родителите ќе ја добијат кутијата на самата вакцина за сами да ги проверат составот и рокот на траење, сепак, родителите не се одлучуваат да ги вакцинираат своите деца во државава.

Дел од родителите решија децата да ги вакцинираат со современи поливалентни вакцини, и тоа најчесто во Солун, Белград и во Врање. Тоа стана редовна практика, но не и нелегален бизнис. Во соседна Грција вакцините се набавуваат од аптека, а нивната цена се движи од 50 до 70 евра, додека во Врање вакцините чинат 30 евра и плус 5 евра за боцкањето. Ацелуларни (прочистени) вакцини може да се најдат само на Клиниката за детски болести, но родителите обвинуваат дека тие се добиваат единствено преку врски и најчесто се даваат на деца на владини функционери, роднини и пријатели.