
Државната комисија по жалби за јавни набавки по службена должност донела решение за поништување на јавната набавка за електрични автобуси и електрични полначи, информираат од Министерството за транспорт.
Од Министерството посочуваат дека постапката повторно ќе биде објавена во најкус можен рок, согласно законските прописи.
„Министерството за транспорт ве известува дека согласно своите надлежности, предметната јавна набавка повторно ќе ја објави согласно законските прописи во најбрз можен рок“, се наведува во соопштението.
Претходно, понудата на унгарската компанија „Електробус – Икарус“ и австриската „ЕВН“ беше избрана како најповолен понудувач на јавниот повик за набавка на 150 електрични еколошки автобуси и 75 станици за полнење.
Според тогашните информации, понудената цена изнесувала 19.350.000 денари, односно околу 314 илјади евра по автобус, што беше оценето како конкурентна цена на пазарот на електрични автобуси.
Согласно одлуката, компанијата „Икарус“ требаше да ги испорача електричните автобуси, додека „ЕВН“ беше задолжена за поставување на станиците за полнење.
Автобусите требаше да имаат максимална моќност од најмалку 300 kW, капацитет за минимум 66 патници и автоматски регулиран систем за ладење и греење.
Во договорот беше предвидено избраниот економски оператор да врши тековно одржување и сервисирање на возилата, како и да обезбеди резервни делови во период од 10 години од нивното пуштање во употреба.
Планот предвидуваше првите 30 автобуси и 15 електрични станици да бидат испорачани во рок до шест месеци по склучувањето на договорот, а останатите возила и полначи во наредните 12 и 18 месеци.