Стопанството очекува помош од државата

Вториот ребаланс на буџетот на Македонија никако да ги помине сите потребни институционални процедури. По измените со кои се вградени амандманите од комисиската расправа, од Владата повторно го испратија предлогот за ребаланс на буџетот во Собранието, каде што треба да помине и на пленарна седница.

Од усвојувањето на ребалансот на буџетот зависи имплементацијата на четвртиот сет мерки за поддршка на стопанството, чии претставници укажуваат дека се борат со неликвидност и дека им е неопходна итна помош за спас на работните места и воопшто за опстанок на компаниите.

– Беа прифатени девет амандмани што беа во насока на ковид-мерките. Прифатен е и амандман од опозицијата, кој се однесува на 1.000 деца без родители да добијат ваучери од 6.000 денари. Ребалансот има зголемување во однос на претходниот и на буџетот. Пратен е во Собранието и во текот на оваа недела ќе почне дебатата, а наредната недела да почнеме да ги имплементираме мерките – кажа министерот за финансии Фатмир Бесими во една дебатна емисија.