Стопанските комори спроведоа истражување за оцената на бизнис средината во Македонија

Денеска, Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива, кој се спроведува во партнерство со четирите најактивни стопански комори во земјата, одржа презентација на годишното истражување за оцена на бизнис средината во Македонија за 2018 година. Ова истражување се спроведува веќе трета година по ред, на репрезентативен примерок кој го претставува македонскиот бизнис сектор. Добиените резултати треба да им помогнат на стопанските комори и останатите креатори на стратешките државни политики за подобро разбирање на моменталната ситуација во бизнис секторот во Македонија, особено во делот на најчестите предизвици со коишто секојдневно се соочуваат компаниите при извршување на своите активности.  

"Силна соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор е важна за создавање на деловно опкружување кое ќе го поддржи и поттикнува растот. Силната и енергична мала бизнис заедница е од суштинско значење за да се изгради столбот на секоја економија и ги повикувам сите тука да се посветат  во развивањето и  приоретизирањето на овој важен сектор во општеството", изјави Гречен Биркл, вршител на должност претставник на Канцеларијата на УСАИД во Македонија.

Резултатите покажуваат дека во споредба со изминатите две години информациите поврзани со законската усогласеност постепено се зголемуваат меѓу компаниите. Во согласност со ова, во 2018 година резултатите покажаа позитивен тренд од 35% во споредба со 2016 година, каде компаниите пријавиле зголемено ниво на вклученост во развојот на деловната регулатива. Во однос на целокупната проценка на националното законодавство, компаниите посочија дека сивата економија е едно од клучните прашања кои го попречуваат растот на деловниот сектор во Македонија. Се посочува дека решавањето на ова прашање ќе го подобри деловното опкружување и ќе им помогне на компаниите да го подобрат своето работење. Покрај тоа, повеќето од испитаниците како најголеми приоритети на коишто треба да се работи во наредниот период ги наведоа реформите за создавање ефикасен судски систем и овозможување стабилно макроекономско опкружување. Сепак, генерално, компаниите веруваат дека во изминатите 3 години земјата ја зголемила својата регионална конкурентност во трката со другите земји од западен Балкан.

Коморите со досегашните напори за застапување веќе дадоа конкретни резултати кои носат придобивки за приватниот сектор во Македонија. Досега намалени се казните за мали даночни и царински прекршоци , а рокот за приватизација на земјиштето е продолжен; со финализирање на новиот Закон за јавни набавки кој и официјално е донесен пред две недели, се очекува да се зголеми транспарентноста, да се овозможи подобар квалитет на набавките, да се зголеми конкуренција и да се цели кон подобра контрола во јавните набавки; новиот Закон за практикантство и новиот Закон за инспекциски надзор, кои наскоро треба да бидат усвоени, исто така беа подготвен врз основа на добиените информации од приватниот сектор.

Стопанските комори и понатаму ќе ги обработуваат и анализираат резултатите од истражувањето со цел да се развијат конкретни предлог политики за подобрување на деловната клима и олеснување на управувањето на бизнисите. При тоа коморите ќе ја користат Платформата за јавен приватниот дијалог, која претставува механизам за олеснување на дијалогот помеѓу клучните претставници на владата и приватниот сектор, со цел да се изнајдат решенија за надминување на идентификуваните предизвици кои придонесуваат за неповолно деловно опкружување. Во текот на првата седница на Комисијата за јавно приватен дијалог која се одржа во декември минатата година, коморите презентираа 38 предлог политики поврзани со градежништвото, урбанизмот, јавните набавки, туризмот и управувањето со отпадот, при што истите и директно беа претставени пред заменик на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за економски прашања и релевантните министри кои се дел од овој механизам. Ваквите препораки во моментот се земени предвид при креирањето на идните реформи кои го засегаат бизнисот