Стопанската комора на трговци на големо и мало формирана пред 3 дена реагира на одлуката на владата да ги ограничи маржите на 10 %. Тие бараат средба со претставници од Владата на која ќе се разгледува состојбите во врска со одлуката за ограничување на маржите на основните прехранбени продукти, детергентите и бебешката храна.
„Со ваквата одлука, ние како трговци, ќе бидеме ставени во ситуација, да го доведеме во прашање опстанокот на нашите компании, од причина што со ваква маржа нема да можеме да опстоиме. Воедно, ќе мора да донесуваме и рестриктивни одлуки, за отпуштање на нашите вработени и реструктурирање на работењето и затворање на маркетите. Штетите ќе бидат големи, бидејќи во прашање се доведува опстојувањето на 86 трговски фирми, со 790 продавници и 4700 вработени. Овие податоци, како Влада сметаме, треба да Ве загрижуваат“, се наведува во соопштението до јавноста доставено од Стопанската комора на трговци на големо и мало
Тие велат дека нивниот опстанок е доведен во прашање откако Владата ги ограничи маржите на 100 групи на производи.
„Нашето опстојување, е оптоварено и со останатите давачки, како на пример, цената на електричната енергија јануари 2024 – јануари 2025 е зголемена за 72%, за дистрибуција 25%. Платите, во 2024 споредено со 2023 година се зголемени околу 20%, а од март ќе има ново покачување, а трошоците за платите се движат од 12 до 15%. Освен овие, има и други комунални давачки, сервисирање на опремата со која работиме. Сите овие оптоварувања, немаме можност да ги издржиме со бруто-маржа од 10%, односно нема да можеме робата да ја ставиме на рафт, а не да ги услужуваме нашите потрошувачи“, стои во реакцијата.
Според објаснувањата на трговците, со 10% бруто-маржа, не можат да ги покријат оперативните трошоци од работењето, кои се движат од 15-20%. Затоа, од Стопанска комора ја оспоруваат оваа одлука, за ограничување на маржите на 10 проценти, во целост и барааат итно, да се најде заедничко решение, за оваа состојба. При носењето на одлуката за ограничување на маржите треба да се земат во предвид и анализите, кои покажаа дека „маркетите не се одговорни за зголемувањето на цените, туку ценовната политика ја водат доставувачите и производителите“.
„Никогаш не ги зголемуваме цените самостојно, туку промената се случува поради промените на цените на производителите или доставувачите и токму поради ова маркетите се под постојан притисок да се прифатат новите ценовници. Доколку тоа не се направи, не се испорачуваат производите.Од ова произлегува притисокот врз маркетите и од потрошувачите или за цените или за недостигот на производи. Само во јануари до маркетите се пристигнати ценовници од над 40 доставувачи и производители во 92 категории и поткатегории производи. Профитната маржа кај маркетите од година во година опаѓа, а кај нив се зголемува“, објаснуваат од Стопанска комора на трговци на големо и мало.
Во соопштението тие наведуваат дека супермаркетите не се причината за зголемените цени. Според нив доставувачите продолжуваат да остваруваат значителни маржи, без да ги намалат цените и затоа бараат да се пристапи кон изнаоѓање на причинителите на состојбите и да се бара одговорност од нив, а не да се префрла вината на трговците.
„Досега, во формирањето на цените, не се мешала ниту една Влада,бидејќи имаме пазарна економија и цените се формираат во зависност од понудата и побарувачката, ако има зголемена понуда, цените сами се намалуваат, без да интервенира Владата, а за да се зголеми понудата, треба да се зголеми производството“, информираат од Стопанска комора на трговци на големо и мало.