Стопанска банка АД - Скопје е прогласена за најдобра банка од „Еуромани“

Стопанска банка АД - Скопје е прогласена за најдобра банка во земјава на престижните награди Euromoney Awards for Excellence, 2022.

Прогласување на најдобрите банки се одржа на гала вечера во Лондoн каде што на претставниците на Стопанска банка им беше врачено признанието кое е едно од најзначајните во светската банкарска индустрија.

Наградата секоја година ја доделува реномираниот британски магазин „Еуромани“ кој ја оценува работата на банките и финансиските институции во светот според различни критериуми, како што се остварените резултати во работењето, позицијата на пазарот, иновациите и воведените нови услуги, системот на управување и односот на вработените.

Стопанска банка е добитник на наградата за најдобра банка според прикажаните врвни резултати во секоја област на работењето за оценуваниот период од април 2021 година до март 2022. Според „Еурoмани“, Стопанска банка постигнала најдобри финансиски резултати во силната конкуренција на домашниот банкарски сектор. И покрај континуираните инвестиции на банката во дигиталното банкарство, таа успева да ги ограничи трошоците и да постигне балансиран раст.

Во своето образложение, „Еуромани“ истакнува дека со Диомидис Николетопулос како генерален извршен директор, Стопанска банка акумулирала доволно капитал и ликвидност и може да се пофали со највисок пазарен удел во кредитирањето, особено следејќи го интензивниот пораст во корпоративниот сегмент изминатите години. Свечената статуетка за најдобра банка во име на Стопанска банка ја примија Илиас Пападопулос, Сениор директор за управување со кредитен ризик и Дејан Крстевски, Директор на секторот за мали компании, кои беа дел од свечениот настан во Лондон.

- Тоа што Стопанска банка е годинашен добитник на престижната награда Euromoney Awards for Excellence претставува потврда за нашата континуирана работа, надградба и посветеност кон нашите клиенти, нашите вработени и кон заедницата, дури и во услови на предизвиците кои ги донесе пандемијата. Исклучително сме горди на целиот наш тим кој со своето посветено залагање континуирано придонесува за позитивните резултати на Банката, но и бескрајно сме им благодарни на нашите клиенти за долгогодишната доверба. Покрај тоа што ни претставува гордост, оваа награда за нас е и заложба да продолжиме заедно кон уште поголеми успеси – вели Диомидис Николетопулос, Генерален извршен директор и Претседател на Управниот одбор на Стопанска банка АД - Скопје.