Ајде, крени ја раката и удри ја жената. Фати ја за коса и удри ѝ шамар. Нека ѝ потече крв од носот. Ти си машко! Ти се може!

Плукни ѝ во лице на онаа која секое утре те гледа со милост. Стави ги рацете на нејзините усни за да не изусти ни збор, иако тие усни ти ги кажуваат најубавите зборови. Заборави на тоа. Ти си машко! Извлечи го каишот од пантолоните кои таа ти ги испрала и испеглала и кои таа ти ги купила. Удри ја. Нека се знае кој е машко!

Удирај ја! Со стегнати дланки удирај ја по стомакот во кој ги носела твоите деца. Твојот син и ќерка. Извади ѝ го срцето кое таа ти го подарила тебе. Твое е! Ти си машко! Со нозете удирај ја по грбот. Скрши ѝ го секое ребро и секоја коска, скрши и ги рацете кои секој ден ти ја подготвуваат храната. Тебе ти се може.

Повторно плукни ѝ во лице! Како смее да те гледа? Нека не отвора очи! Ти си машко! Скрши ѝ ги нозете кои трчаа наваму-натаму за да може да постигне сѐ! Удирај ја по дојките со кои ги доела твоите деца! Удирај! Ти си машко! Удри ја и по глава, нека види дека си машко!

Сега ја гледаш скршена и крвава како лежи на вашиот „брачен“ кревет. Брачен? Не, тоа не е брачен кревет, туку мрачен кревет. Ја гледаш како лежи. Ма која е таа, што се замислува дека може да лежи? Таа е роб и нека си работи. Натерај ја, бидејќи си машко, да ја промени крвавата постелнина. Крвавата перница фрли ја врз неа додека ползи кон тоалетот. Викај. И самата нека ги чисти дамките крв. Ти си умрен, ти работеше, ти си машко!

Изгаси го светлото. Нека оди во темница. И нареди ѝ да работи тивко. Ти си уморен. Ти мораш да спиеш. Ти си нејзин господар. Таа треба да се тресе кога ќе те види. Да се плаши од тебе затоа што си машко!

Се разбуди. Утро е. Постелнината е чиста. Две бели перници наместени на креветот. На едната перница лежи твојата глава, другата е празна. И панталоните ти се испрани, ене ги, се сушат. Каишот е испран и исто така се суши.

Стана. Твоите крвнички стапала газат по чистиот под кој е чист и сјае. Влезе во детската соба на децата кои израснаа со здраво мајчино млеко. Одиш до кујната. Доручекот е тука, но изладен е. Си велиш: „А пак ќе си го добие заради ладниот доручек.“

Одиш во тоалетот. Се гледаш себеси. Да, тоа си ти! Тоа е твојот лик! Тоа во огледалото си ти. Да! Не се препознаваш? Препознај се! Ти си машко! Зад твојот грб го гледаш нејзиниот лик. Ја гледаш божицата на убавината која и со модро и крваво лице е божица на убавиината. Ја гледаш само во огледалото, затоа што таа си замина.

Ја препознаваш ли? Се сеќаваш ли на неа? Ти си... ТИ СИ СЀ ШТО ЧОВЕК НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ! Мрачната страна на твоето битие владее со твоето тело! Разбуди го светлото, разбуди ја подобрата страна и почни да живееш нов живот!