Стоп за мачнината при патување

Болест на движење, морска болест или кинетоза е природна реакција на организмот на движењето. Симптомите на оваа болест вклучуваат вртоглавица, гадење, ладна пот, главоболка, повраќање и сл. Најчесто се јавува во текот на патувањето со автомобил, авион, брод или автобус.

Иако голем дел од популацијата страда од оваа болест, постојат неколку алтернативни решенија со кои можат да се намалат симптомите.

Истражувањата тврдат дека ѓумбирот е ефикасен, дури и подобар  од некои модерни лекови. Неговата најголема предност е што не предизвикува несакани ефекти, за разлика од одредени лекови. Чајот, исто така има смирувачки ефект. Најдобри растенија против гадење се: нане, камилица, лаванда, жалфија, а против повраќање: пелин, камилица, маточина, слива.

Избегнувајте мрсна и зачинета, тешка храна и големи оброци, што не значи дека не треба да јадете ништо. Експертите велат дека гладувањето ги дестабилизира електричните сигнали во стомакот, што може да предизвика гадење и повраќање. Јадете крекери, бидејќи се лесно сварлива храна и помагаат при гадење. Добра работа можат да завршат и бомбони или пеперминт. Доколку сте запознаени со акупунктура, постојат одредени точки на телото кои можат да го спречат гадењето, исто така, можат да се купат и акупресурни нараквици против гадење во аптека.

Неколку совети за полесно патување:

Избегнувајте да стоите, доколку сте во можност да го правите истото. Фокусирајте се на една точка, минимизирајте ги движењата на главата, седете во насока на патувањето (во возовите). Не читајте, избегнувајте пушење цигари, не консумирајте алкохол. Доколку сте во можност, бидете возач, поради фокусот ќе заборавите на гадењето. Доколку до вас седи некој што повраќа, преместете се на друго место, сугестијата може да биде силна, поради што може и вие да повраќате. Седете на места каде што најмалку се чувствува движењето, како што се првите седишта во автобусите или автомобилот, во близина на крилото во авионот или во предните вагони на возовите.