Наскоро треба да одлучите за иднината за ЕУ и за НАТО. На вас е да одлучите како ќе гласате на референдумот, а ние сме подготвени да ве прифатиме како 30. членка на НАТО, рече Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за време на денешната посета на скопското село Стајковци, пишува СДК.
Столтенберг беше пречекан со аплауз и беше организирана изложба со фотографии од катастрофалните поплави во 2016 година.
„Ги видов сликите од катастрофалните поплави, но видов и слики од КФОР како со опремата помага за санирање на штетите од катастрофалните поплави. НАТО е воена алијанса, но и повеќе од тоа. Може да направи да чувствувате сигурни и да помага во природни катастрофи и други несреќи. Гледам во ова село како гледате кон иднината, но сами треба да одлучите за неа“, рече Столтенберг.
Градоначалникот на Гази Баба Борис Георгиевски му додели благодарница на Столтенберг во име на граѓаните на Стајковци и Црешево за големата помош што НАТО ја даде во санирањето од последиците од поплавите.
„НАТО претставува сигурна потпора. Сигурен сум Република Македонија ќе ја препознае подадената рака од алијансата и ќе станеме 30. членка на НАТО“, рече Георгиевски.