Столтенберг денеска во Стајковци, град Скопје ќе именува улица по неговиот татко

Генералиот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска во 11,30 часот ќе го посети скопското село Стајковци, а домаќин на настанот ќе биде градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски.

Посетата на Стајковци е по повод акцијата на војниците на НАТО кои со својата механизација помогнаа во санирање на штетите од поплавата во август 2016 година во која загинаа 23 лица.

Предвидена е и средба со жителите на улицата 24 каде се одвиваше и акцијата на припадниците на НАТО.

Столтенберг и градоначалникот на општина Гази Баба Борис Георгиевски на плоштадот спроти ООУ „Кирил и Мeтодиј” ќе имаат средба со граѓаните, по што ќе следува и нивно обраќање.

Во знак на благодарност за помошта што НАТО ја даде за санирање на штетите Столтенберг од градоначалникот Георгиевски ќе добие благодарница.

Столтенберг денеска ќе има заедничка прес-конференција и со скопскиот градоначалник Петре Шилегов, по повод именување на улица во Скопје по неговиот татко, дипломатот Торвалд Столтенберг, кој е прогласен за заслужен граѓанин на Скопје, поради неговото лично залагање за големата помош што Норвешка ја даде по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.

Од кабинетот на градоначачникот Шилегов велат дека пешачката улицата во Градскиот парк меѓу јужната трибина на стадионот и езерцата во паркот од утре ќе го носи името Торвалд Столтенберг, кој почина на 14 јули годинава на 87-годишна возраст. 

Торвалд Столтенберг имал исклучителни заслуги за помошта што ја добил градот Скопје после катастрофалниот земјотрес во 1963 година, а поради неговиот ангажман со помош на Норвешка и Данска била изградена Детската болница за белодробни заболувања во Козле. По иницијатива на Столтенберг само еден ден по земјотресот, од норвешкиот Црвен крст со транспортен авион, во Скопје биле испратени 2.300 волнени ќебиња, 80 килограми антибиотици, 250 пакети за трансфузија на крв, како и 5.000 пакети за прва помош.