Стојкоски по свечената седница на Денот на О. Ѓорче Петров: Донесовме правилни одлуки

Советот на Општина Ѓорче Петров, одржа свечена седница во рамки на Денот на општината. Годишна награда добија ракометарките на ЖРК Ѓорче Петров, а беа доделени и пофалници и благодарници до сите кои соработувале со општината. 

-Уверен сум дека во годината што измина донесовме правилни одлуки. Заеднички се насочивме кон решавање проблеми кои со децении ги мачат жителите на оваа општина. Ги опфативме сите области. Успеавме да сработиме проекти со кои затворивме горливи проблеми на ѓорчепетровци. - напиша градоначалникот Александар Стојкоски на официјалната Фејсбук страница. 

Тој додаде дека општината работи на инфраструктурата, на подобрување на образованието, а како што напиша, фокус е и да се крене културата на повисоко ниво и да се поддржи спортот во вистински правец.

-Активно се вклучивме во решавање на социјалните проблеми на нашите жители, рамо до рамо со нив, заеднички бараме решенија кои ќе донесат подобро утре за оваа општина. Од затворена локална самоуправа, недостапна за граѓаните, со низок степен на транспарентност и спора динамика во изминатата година успеавме да станеме општина за пример, општина која ги прими сите кои тропнаа на нејзината врата и администрација која прави и натчовечки напори секој граѓанин да биде услужен и на секого да му се помогне. Благодарност до моите вработени и до Советот за одличната соработка. - напиша Стојкоски. 

Како заокружување на одбележувањето за Денот на општината, со почеток во 17 часот и 30 минути, во паркот во Ѓорче Петров, ќе се одржи и концерт.