Стинг во Скопје доаѓа со својот син

На претстојниот концерт во ВИП арената „Борис Трајковски“ во Скопје, легендата на светската рок сцена Стинг ќе настапи со своите долгогодишни соработници, гитаристите Dominic Miller и Rufus Miller, тапанарот Josh Freese, а негов специјален гостин ќе биде неговиот син, Joe Sumner.

Joe Sumner е син на Стинг од врската со ирската актерка Frances Tomelty. Со музика почнува да се занимава уште во тинејџерските години, свирејќи на гитара и тапани, инспириран од албумот на Nirvana „Nevermind“.

По само неколку години тој го формирал бендот „Fiction Plane“, заедно со басистот Dan Brown и гитаристот Seton Daunt.

Минатиот викенд Стинг настапи во Софија и во Белград, пред 30 илјади публика, со песни од новиот албум кој е насловен по името на турнејата „57th & 9th“, но и со легендарните песни кои ја одбележаа неговата кариера од времето на групата The Police, како и од неговата соло кариера.

Концертот на Стинг во Скопје кој со нетрпение го очекува македонската публика ќе се одржи на 15-ти октомври и е целосно распродаден уште од првиот ден.