Стигнаа сметките за комуналии во поплавените подрачја, жителите да докажат дека биле поплавени

Покрај најавата дека жителите на подрачјата кои беа погодени од силното невреме и поплавите кои уследија во август годинава, дека ќе бидат ослободени од давачките за комуналии, сепак истите стигнаа на нивните адреси. 

На жителите на местата кои беа поплавени им беше ветено дека ќе бидат ослободени од плаќање на вода, како и од сметките за подигање на сметот, но сепак на нивните адреси пристигнаа сметки. Тие велат дека се принудени да ги платат сметките, додека од ЈП„Водовод и канализација“ велат дека покрај тоа што примиле сметки, не се должни да ги платат.

- Во недоумица сум дали да ги платам трите сметки за вода и смет зашто од една страна знам дека ни беше ветено дека овие сметки ќе ни бидат простени, а од друга страна за секоја неплатена сметка знаете доаѓа опомена и извршител - вели жител на Стајковци.

- Граѓаните од кризните подрачја, кои беа зафатени од големите поплави во Скопје, се ослободени од плаќање на сметките за месеците 8-ми, 9-ти и 10-ти. Како што известивме во нашето соопштение претходно, потенцираме дека сметките ќе пристигнат, но истите не треба да се платат - вели Благоја Филиповски, портпаролот на ЈП „Водовод и канализација“.

Ослободени од плаќање на сметките се жителите на населените места: 

С. Инџиково, С. Стајковци и дел населеното место Методиј Андонов – Ченто, односно следните улици: Алија Авдовиќ (со краците), Методија Андонов Ченто, Сава Михајлов, Радован Ковачевиќ, Христофор Жефаровиќ, Фуштанска, Кавадарска, Константин Петковиќ, Спиро Црне, Теодор Ецов, Дурмиторска, 13ти Август Охридски Договор, Катлановска, Надбискуп Чекада, Тодор Чопов, Трајко Китанчев, Кожув и Неготинска.

За контакт, граѓаните можат да се обратат на телефонот на ЈП „Водовод“: 02/ 3073010,
преку официјалниот и-мејл: kontakt@vodovod-skopje.com.mk 
Или лично во просториите на ЈП „Водовод и канализација“