Започна процесот на трајно решавање на проблемот со Ранка Милановиќ,“ изјави градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, најавувајќи координирана акција на повеќе институции за расчистување на локацијата.
Од рано утринава, инспекторатот на Општина Гази Баба, инспектори од Единицата за економски криминал при Министерството за внатрешни работи, Министерството за социјална политика, демографија и млади, со асистенција на униформирани полициски службеници, спроведоа акција за расчистување на отпадот и бесправно изградените објекти.
Во акцијата е одземена голема количина различни видови отпад, а урнати се три нелегални објекти што биле користени како работилници за преработка на отпад. Со помош на механизација на ЈКП Гази Баба, од дворот на објектите се отстранети над 50 тони отпад.
Градоначалникот Стефковски најави дека во текот на утрешниот ден ќе биде поднесена кривична пријава против едно лице кое незаконски вршело активности без соодветни дозволи, согласно Законот за управување со отпад.
Оваа акција, како што посочи Стефковски, е резултат на неколку состаноци во Владата на Република Македонија и претставува почеток на процесот што ќе донесе трајно решение за проблемот со Ранка Милановиќ.
Заедно со заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, градоначалникот изврши увид на локацијата. Тој изрази благодарност до премиерот Христијан Мицкоски за поддршката во решавањето на овој долгогодишен проблем.