Стефковски за скандалот во градинката „Детска радост“: Преку медиумите дознавме дека ни се одземени ингеренциите

- Скандалозно и несериозно е тоа што Министерството за труд и социјална политика, преку соопштение до медиумите не извести дека ни ги одзема надлежностите за детската градинка „Детска радост“ во Автокоманда. Ваквата постапка е уште еден јасен доказ дека Министерството за труд и социјална политика води политички, а не законски постапки, порача денескаградоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски. 

Тој вели дека до овој момент во општина Гази Баба не е пристигнат документ со кој им се одземаат надлежностите, а Министерството во соопштение до јавноста во петтиот пасус вели: “Одземените надлежности на градоначалникот се реазултат на прекршување на законот од страна на управниот одбор на ЈОУГД Детска радост – Гази Баба и на прекршување на законот од страна на градоначалникот Бобан Стефковски, при водење на постапка за разрешување на директор”.

- Самото водење на постапката со сила, говори за политичките притисоци кои изминатите две недели ги имаат вработените во Министерството за труд и социјална политика. А факт дека ова што го говорам е вистина е укажувањето кое го испрати Министерството до општина Гази Баба на кое инспекторката која ја водеше целата постапка не е потпишана, туку на истото стои само нејзиното име и презиме, што не е својствено за водењето на постапки од ваков тип, појаснува првиот човек на општината. 

Тој се надева дека Министерството за труд и социјала политика ќе се приклучи на постапките кои општина Гази Баба ги иницираше до Основното јавно обвинителство и Државната комисија за спречување на корупција за утврдените прекршувања на Законот со извршената ревизија.